Советот на Општина Куманово на денешната втора седница на дневниот ред по двочасовна дискусија во која се вклучија сите, донесе одлука за зголемување на основната главнина на Јавното претпријатие „Пазаришта“ за седум милиони денари, средства со кои треба да го спасат овој општински загубар од пропаѓање.
На барање на новиот в.д. директор Гзим Кадриу на дневниот ред беше додадена точката за вонредна информација за финансиската состојба на ЈП „Пазаришта“ при што истиот истакна дека претпријатието е под закана од извршители и блокирање на жиро сметката.
– Моментално од финансиските процеси кои сме ги анализирале сме направиле скрининг процес од 16.11 од кога јас го земав мандатот како в.д. директор и констатацијата е ова: Буџетскиот простор е накаде 900.000 до милион денари, не сме ликвидни. Меѓутоа доколку ние во иднина постигнеме со максимален интензиттет да ги реализираме сите приходи ние повторно ќе се соочуваме со буџетски недостаток од 400.000 денари. Така што ние денеска бараме можност и прилика да ни се даде во иднина со вистински тим, сериозен ангажман, проект, стратегија, план да докажеме дека може ова претпријатие во иднина да има перспектива, рече Кадриу.
Тој посочи дека во периодот откако тој го преземал менаџирањето има зголемување на приходите во сите сфери.
Зошто ова претпријатие тоне во долгови?
Дискусијата на советниците отвори многу прашања за тоа како функционирало оваа јавно претпријатие во текот на изминатиот период. Како што рече градоначалникот Максим Димитриевски, во откомври 2020 година на барање на директорот за да се плати доспеан долг кон Управата за јавни приходи, општината дала 3,5 милиони денари парични средства на ЈП „Пазаришта“, пари со кои требало, а не биле подмирени тие долгови.
– Образложението беше дека има потреба со тие серсдтва да плати обврски кон УЈП, неплатен ДДВ за да не дојде до блокада на јавното претпријатие. Дополнително во последниот извештај гледаме дека тоа се нема случено, ги нема намирено тие обврски со тие средства, значи ненаменски ги потрошил, рече Димитриевски.
Според Димитриевски, ова јавно претпријатие во даден момент било прилагодени за потребите на поедицни и ќе се спроведе истрага колку тезги биле издадени и колку приходи се слевале.
– Побарав државна ревизија и во ова и во сите јавни претпријатиа, единствени во државата добивме државна ревизија, но државните ревизори ги гледаат бројките што се прокниежни. Како тоа може некој да држи шест тезги, а да плаќа за две. Каде одат основни средства за останатите четири тезги и верувам дека на крајот истрагата ќе го покаже тоа, не само во ова јавно претпријатие, во сите, рече градоначалникот.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска го поддржа предлогот за помош од седум милиони денари на оваа јавно претрпијатие, но бара да се утврди одговорност за ваквата состојба.
Како што рече Елена Доцевска Божиновска ова јавно претпријатие „е на респиратор“ и ако не се даде поддршка на ваквиот предлог четириесетина лица ќе останат невработени, а граѓаните без пазар.
– Сите проблеми тогашното мнозинство ги решаваше политички со кревање рака и зелено светло и на извештаите и пак ќе прашам како поминувале извештаите на ЈП „Пазаришта“ на Комисијата за финснирање и буџет и на Совет и ме интересира дали имаше заклучоци, дали советот од прехтодниот состав носеше заклучоци да се подобри ситуацијата ако земеме предвид дека тоа е основна задача на советнците, да изнајдеме решенија, не само да гласаме, рече меѓу другото Доцевска – Божиновска.
Таа побара да се направи ревизија и да се понесе одговорност каква што треба, дали кривична, морлна или политичка.
– Советничката група на ВМРО ДПМНЕ бара и сака за ваквата состојба да се најде одговорноста. Тоа е првата точка од заклучокот да се бара вонредна ревизија, тука сакам да споменам дека и граодначалникот согласно Законот за локална самоуправа има обврска и второ барам да се задолжи новиот в.д. директор на „Пазаришта“ во рок од 15 дена да изготви динамичен план за спас на јавното претпријатие со чекори и рокови и да го достави до градоначалникот и Советот, рече Доцевска – Божиновска.
Наместо во инфраструктура, 114 илјади евра во спас на загубар
Околу 114 илјади евра ќе се одлеат од граѓанскиот буџет за да се спаси оваа јавно претпријатие. Тоа се, како што рече градоначалникот Максим Димитриевски, седум милиони денари помалку проекти.
– Сега треба општината да реши дали ќе помага на јавното претпријатие или ќе прави патишта и канализации. Седум милиони денари помалку поректи, тоа се 7-8 улици, три – четири канализации, рече Димитриевски.
Истиот став го има и Елена – Доцевска Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ќе поминат месец – два – три, дали ќе треба да зголеуваме основна главинина пак? Не смееме како советници да направиме ова да биде начин и никако пракса за покривање на нечие недомаќинско работење. Ако се увидело дека директорот нема менаџерски способности работи недомаќински, не знам зошто не бил сменет. Седум милиони денари се 114 илјади евра, да покриеме нечија непсособност наместо тие пари да покријат нечија потреба на граѓаните, да решиме проблем и да направиме проект од интерс на градот, рече таа.
ДУИ се правдаше, СДСМ молчеше
Советниците од ДУИ на денешната седница се обидоа долговите да ги оправдаат со пандемијата и кризата која завладеа. Претходниот директор Илир Саити е нивен кадар кој беше поставен уште во мандатот на поранешниот градоначалник Зоран Дамјановски.
Според советничката Арта Адеми од ДУИ, загубите во 2020 и 2021 година се резултат на пандемијата.
– Во 2020 година повеќе од два месеци јавното претпријатие не работеше и треба да имаме предвид дека во 2019 година ЈП „Пазаришта“ беше во позитива 4 милиони денари. Тоталниот долг е 12 милиони треба да се минусира платата за октомври која достигнува 1,5 милиони и уште 4 милиони денари регрес кој се плаќа на рати, од судските одлуки кои некои вработени ги добиле за да се вратат на рати К-15 за што е обврска да ги враќаат, рече Адеми.
Според в.д. директорот Гзми Кадриу, позитивното салдо во 2018 година се должи на донација која ја добило претпријатието, а инаку 11 години е во загуба.
Од друга страна, коалицискиот партнер на ДУИ, опозициската СДСМ, беше многу тивка на расправата. За збор единствено се јави Александар Јовановски кој рече дека како вработен во оваа ЈП нема право на глас, но ги повика своите сопартијци да ја поддржат одлуката за финансиска помош.
Зошто директорот не бил разрешен ако резултатите биле лоши?
На довчасовната расправа по однос на оваа точка се наметна и прашањето зошто директорот Илиер Саити не бил разрешен досега, ако веќе резултатите не биле добри.
Според градоначалникот Максим Димитриевски, не бил разрешен, „затоа што во државата царува политиката, а не свеста и разумот“.
– Тие од вашата политичка партија (ДУИ) кои доаѓаа да го заштитуаваат ваквиот кадар треба да ги прашаме зошто го правеа тоа, а го правеа повеќе пати. Јавно реков дека за овој директор три пати потпишав решение да го разрешам и три пати го искинав, ќе паднеше советот, не сакаа рака да дигнат немаше да има програма и буџет, рече Димитриевски.
Но, Димитриевски сега вели дека повеќе нема да има вечни директори без разлика на коалиции и мнозинство и дека овој мандат ќе го посвети граѓаните да бидат растеретени од политика.
– Граѓаните во овој мандат ќе бидат растеретени од политиката и ќе се обидеме да спроведуваме искучиво закон, дали еден директор бил член на некоја партија, ќе има наградување, ама и разрешување ако не функционираат работите како што треба, рече градоначалникот.
Вели дека директорите на „Куманово паркинг“ и ЈП „Пазаришта“ не доставувале извештаи кај него, туку одговарале кај политичките лидери.
– Немам јас централно ниво, нема кој да ми се јави, мое централно ниво сега се граѓаните на Куманово, нема политичка партија, само пред граѓаните. Помина времето кога имавме центрлано ниво, а тие кои имаат ќе сносат одговорност двојно, а за жал не се носи, рече Димитриевски.
Со мнозинство од гласовите Советот донесе одлука да го зголеми основниот влог на ЈП „Пазаришта“ за седум милиони денари, но донесе и заклучок со кој ќе бара новиот директор да изготви динамичен план за излез од состојбата, а Државниот завод за ревизија да спроведе ревизија за досегашното работење.
Никола Ивановски