Општина Куманово започна да го санира делот од улицта „Ѓорче Петров“ на влезот во населбата Перо Чичо, каде има застој на изградбата на надвозникот кој е дел од пругата кон Бугарија.
Како што напиша градоначалникот Максим Димитриевски, од инвеститорот подоцна ќе побара надомест на штетата, затоа што не ја завршиле изградбата во предвидените рокови.
– Поради застој на проектот на МЖ за реконструкција на железничкиот мост на влезот од населбата Перо Чичо, Општина Куманово одвои сопствени средства да го врати во првобитна состојба овој дел на коловозот и воедно ќе поведе постапка за надомест на штета од страна на инвеститорот кој ги проби сите зададени рокови за изведба. Особено жалам што и покрај долгиот временски период, инвеститорот не успеа да ја заврши оваа фаза на изградба на пругата Куманово – Бејаковце, за што воедно во негово име се извинувам на граѓаните за времениот сообраќаен режим кој што беше воведен на оваа локација во изминатиот период, напиша Димитриевски на социјалните мрежи.
Инаку на овој дел од градот има времен режим на сообраќај откако во јули 2019 година започнаа градежните активности на надвозникот.
Иако беше предвидено изградбата на надвозникот да заврши во ноември 2019та, роковите беа пробиени.
Во меѓувреме фирмата „Вибе“ која ја правеше пругата, се спакува и замина, оставајќи ги работниците без плати, а мостот на „милост и немилост“.
Никола Ивановски