Дивите депонии остануваат еден од најголемите еколошки предизвици на територија на Општина Куманово.
И покрај континуираните активности на локалната самоуправа и јавните претпријатија, несовесното однесување на дел од граѓаните ја саботира борбата за почиста животна средина.
Градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека општината презела сериозни чекори за справување со овој проблем.
Во рамки на координирана акција со Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, на повеќе локации во градот се поставени нови садови за отпад, со цел да се намали бројот на нерегуларни депонии и да се создадат услови за организирано собирање на сметот.
„Направивме акција со јавно претпријатие Чистота каде што на сите локации каде што има или депонии, поголемо количество на смет исфрлено до речното корито, во речното корито или на локации како што се „Туш, „Бараки“ и локацијата спроти Спомен Костурница, поставени се поголем број на садови, контејнери и корпи за собирање на смет,“ изјави Димитриевски.
Но и покрај заложбите, дел од жителите – наместо да ги користат садовите ја уништуваат поставената инфраструктура.
Дополнителен проблем претставува фактот што на некои локации, отпадот се истура директно во речното корито, што придонесува не само за загадување на водите туку и за создавање нови, тешко достапни депонии.
„Ќе влеземе повторно во постапка на чистење на речното корито,“ најави градоначалникот, наведувајќи дека во наредните денови се очекува намалување на водостојот на реките Липковска и Кумановка, што ќе овозможи поефикасна интервенција.
Општината најави и засилени инспекциски контроли, како и координација со Министерството за внатрешни работи, со цел идентификација и санкционирање на сторителите.
„Ние ќе бидеме бескомпромисни во нашата борба – таков е договорот и заклучокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување,“ порача Димитриевски.
Локалните власти апелираат до граѓаните да бидат сојузници, а не противници, во напорите за заштита на животната средина.
„Она што е најбитно е до граѓаните коишто ги гледаат таквите сторители, ги пријавуваат и по можност фотодокументираат, за да можат да се водат истраги,“ повика градоначалникот.
Никола Ивановски