Општина Куманово со нов, пофлексибилен возен ред за најоптоварените автобуски линии

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово воведува измени во возниот ред на дел од автобуски линии со цел да се намали метежот и да се подобри квалитетот на јавниот превоз.

Како што информираше претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, анализите направени од Секторот за комунални работи, како и бројните поплаки од граѓаните, укажале на сериозна пренатрупаност на одредени линии, особено на линиите со реден број 3, 5, 8, 9 и 19.

Најчесто се работи за линии кои ги поврзуваат поголемите населени места и приградски населби, каде што во одредени термини доаѓало до турканици и недостиг од слободни места.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Две лица нападнале кумановец со метален предмет и му нанеле повреди

– Линиите не се менуваат, но возниот ред ќе биде пофлексибилен. Направена е детална анализа во кои временски термини е потребно дополнително поаѓање, со цел да се растовари превозот и да се овозможи поголема удобност за патниците, изјави Ѓорѓиевска.

Според неа, наместо едно поаѓање во одреден термин, ќе има повеќе поаѓања во краток временски интервал, со што ќе се обезбеди подобра услуга за сите граѓани.

Како пример, таа наведе дека доколку претходно постоело едно поаѓање во 8 часот, сега ќе има поаѓања и во 8 и во 8:15 часот.

Ѓорѓиевска нагласи дека првичните реакции од граѓаните се позитивни и дека веќе се чувствува подобрување во функционирањето на јавниот превоз.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  40-годишна кумановка приведена поради упатени закани кон сограѓанка

Таа додаде дека со новата прераспределба ќе се избегнат ситуации во кои автобусите не застанувале на постојките поради пренатрупаност.

Со овие измени, Општина Куманово има за цел да излезе во пресрет на барањата на граѓаните и да обезбеди поефикасен, побезбеден и поудобен јавен превоз за сите корисници.

Градскиот автобуски превоз, со одлука на Советот на Општина Куманово на последната седница, останува бесплатен до јуни 2026 година.

Целосниот нов возен ред можете да го погледнете ТУКА.

Никола Ивановски