Општина Куманово и годинава е на листата најдобри институции со активна транспарентност од 97,1% од можни 100%, според анализата на Центарот за граѓански комуникации.
– Активната транспарентност на Општина Куманово во 2025 година изнесува 97,1 % (од можни 100 %) со што општината се наоѓа во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %). Со овие бодови, општината се наоѓа на делба на седмата позиција од вкупно 102 рангирани институции, велат креаторите на истражувањето.
Североисточниот Регион веќе шеста година по ред се наоѓа во најдобрата група институции со многу добра активна транспарентност подобрувајќи се секоја година од 2018 година наваму, а Куманово е лидер.
Со 40,6 од можни 100 отсто активна транспарентност, општината Старо Нагоричане се наоѓа во просечната категорија, односно на 101 позиција, со пад од пет позиции во споредба со лани.
Општина Липково се наоѓа на 76та позиција со активна транспарентност од 72,5 отсто, и исто така има благ пад споредбено со лани.
Индексот на активна транспарентност е всушност проактивното објавување информации од јавен карактер.
Во истражувањето годинава се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
» Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
» Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).
» Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %.
» Дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
» Министерството за одбрана, петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
» Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
» Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).
» На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).
» Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).
» Огромно уназадување има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
Никола Ивановски