Четири компании доставиле понуди на јавниот оглас за набавка на полуподземни контејнери, што го објави општина Куманово, информираа денеска од одделението за јавни набавки од општината.
Куманово на почетокот од годинава планираше да набави полуподземни контејнери кои ќе бидат поставени на повеќе локации во централното градско подрачје, за што беа планирани да се одвојат шест милиони денари. Контејнерите ќе можат да соберат поголема количина на отпад, ќе бидат поставени во земја и ќе има простор за рециклирање.
Според огласот, понудувачите беа должни да достават, покрај друга и техничка спецификација, каталози во кои се опишани потребните карактеристики на контејнерите, како и извештаи од испитување или сертификати издадени од акредитирани институции. Понудите на четирите компании ќе важат 90 дена.
МИА