Општина Куманово објави јавен повик за користење на народна кујна во 2026 година

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово објави јавен повик за остварување на правото на користење на народна кујна на територија на општината за 2026 година, со цел обезбедување поддршка за граѓаните кои се наоѓаат под најголем социјален ризик.

Мерката се спроведува согласно Програмата за развој на социјална заштита за 2026 година и важечкиот правилник донесен од градоначалникот на Општина Куманово.

Со овој повик се обезбедува право на еден бесплатен дневен оброк по лице, кој ќе биде подготвен и дистрибуиран од страна на Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ – Куманово, како давател на услугата, со финансиска поддршка од општинскиот буџет.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановски училишта добија грантови за програми за заштита на учениците

Правото можат да го користат лица кои се корисници на гарантирана минимална помош, лица кои остваруваат право на социјална сигурност на стари лица, како и лица со интелектуална или телесна попреченост, потполно слепи и потполно глуви лица.

Оброкот се подигнува со важечка лична карта, а можност еден барател да поднесе едно барање и во него да ги наведе и останатите членови на своето семејство, при што ќе се обезбедат оброци за сите пријавени соуживатели на правото.

Заинтересираните граѓани треба да достават соодветна документација, во зависност од основот по кој го остваруваат правото, како што се решенија од Центарот за социјална работа, медицинска документација или потврда за невработеност.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово меѓу општините кои потрошиле најмалку пари за новогодишно украсување

Јавниот повик е објавен на официјалната веб-страница на Општина Куманово и ќе важи во текот на целата фискална 2026 година.

Барањата со целокупната документација се доставуваат во писмена форма до општинската архива, а за сите подносители кои ќе бидат опфатени со оваа мерка ќе биде изготвено решение од градоначалникот, кое ќе биде истакнато на видно место во просториите на ЈУ-ОУД „Професор Мијалковиќ“ во Куманово.

Никола Ивановски