Општина Куманово објави јавен повик за избор на членови на Локалното собрание на млади, со цел активно вклучување на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво.
Повикот е распишан од Иницијативниот одбор за конституирање на ова тело и е отворен за сите младински организации и здруженија што ги исполнуваат утврдените критериуми
Локалното собрание на млади ќе биде составено од делегати и нивни заменици предложени од младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации, како и други форми на младинско организирање и здружување.
Право на учество имаат организации кои спроведуваат активности на територијата на Општина Куманово, при што предложените делегати треба да бидат на возраст од 15 до 29 години и со живеалиште во општината.
Мандатот на членовите на Локалното собрание на млади изнесува две години, со можност за уште еден последователен избор.
Собранието ќе има задача да учествува во спроведување на активности, подготовка на документи и избор на членови на Локалниот младински совет.
Заинтересираните организации треба да достават портфолио за својата работа, мотивациско писмо, пријава со номинација на делегат и заменик-делегат, како и потребните изјави за согласност.
Пријавите се доставуваат во затворен плик до архивата на Општина Куманово, во рок од 10 работни дена од денот на објавувањето на повикот, односно заклучно со 17 февруари 2026 година
Пристигнатите пријави ќе бидат разгледани од Иницијативниот одбор, кој ќе го спроведе изборниот процес за формирање на Локалниот младински совет.
Дополнителни информации за повикот и постапката се достапни на официјалната интернет-страница на Општина Куманово.

