OnlyFans се откажаа од плановите за забрана на порнографски содржини само една недела откако ја објавија забраната.
Оваа среда, компанијата рече дека „обезбедила сѐ што е потребно за поддршка на различни креатори на содржини во заедницата“, што може да значи дека постигнале нов договор со банкарски партнери и даватели на исплати.
„Ви благодариме на сите што се потрудивте да ве слушнеме. Обезбедивме сѐ што е потребно за поддршка на различните креатори на содржини во заедницата и ја повлекуваме промената на правилата што требаше да започне на 1 октомври. Ќе продолжиме да обезбедуваме место за сите креатори“, стои во нивната официјална објава на Твитер.
Според Variety, портпаролот на OnlyFans не сакаше да открие со кои банкарски партнери постигнале или го обновиле договорот.
„Промените што требаше да се случат на 1 октомври повеќе не се потребни поради банкарските партнери и OnlyFans ќе поддржува креатори на содржини од сите жанрови“, рече тој.
Основачот и извршен директор на OnlyFans Тим Стокли ги обвини банките за забрана на порнографски содржини, со што се укина можноста за плаќање на креаторите, а притисокот врз компанијата да го реши овој проблем што е можно поскоро направија бројни сексуални работници гневни, бидејќи за нив ова беше извор на приход. Некои се префрлија и на други платформи.
OnlyFans е основана во 2016 година и во моментов има 120 милиони регистрирани корисници и над два милиони креатори на содржини.
Особено стана популарен во светот на славните и го користат многу sвезди, меѓу кои Карди Б, Џордин Вудс, Бел Торн, Тајџ и Амбер Роуз.
Бела Торн го собори рекордот пред една година кога заработи повеќе од милион долари на таа страница за само 24 часа. Компанијата потоа беше принудена да ги промени правилата и да постави ограничувања за максимални донации и претплати.
Бројни други корисници на OnlyFans сведочат за огромните пари што ги заработуваат објавувајќи експлицитни фотографии.
Профилите на OnlyFans отворија многу луѓе од Балканот, а можат да се најдат и некои Македонци.