ОН: За два месеци во Јемен убиени 47 деца

Сподели со своите пријатели

Најмалку 47 деца се убиени или повредени во воениот Јемен во првите два месеци од 2022 година, за време на ескалацијата на конфликтот меѓу владините сили и бунтовниците Хути, соопшти денеска претставникот на УНИЦЕФ во таа земја Филип Дуамел.

„Насилството нагло ескалира оваа година и како и секогаш децата се први и најмногу страдаат“, рече Дуамел.

 

Украина: 79 украински деца загинаа во војната

 

Тој ги повика сите завојувани страни и нивните поддржувачи да ги заштитат цивилите, особено децата.

Даумел изјави дека од почетокот на конфликтот во 2014 година, 10.200 деца се убиени или повредени.

Бунтовниците од движењето Хути, кое го поддржува Иран, започнаа офанзива во февруари минатата година за да го заземат градот Мариб.

Во обид да го окупираат целиот север на земјата, тие ја презедоа контролата над провинцијата Мариб богата со нафта и стигнаа до предградијата на истоимениот град, последното упориште на владините сили во тој дел на Јемен.

 

Руските сили гранатирале џамија во која се криеле 80 возрасни и деца

 

Владините сили, потпомогнати од меѓународната коалиција предводена од Саудиска Арабија од воздух, возвратија на почетокот на оваа година и повторно зазедоа големи делови од градот, вклучително и вториот по големина округ во покраината.

Граѓанската војна во Јемен започна во 2014 година, кога бунтовниците го зазедоа главниот град Сана и поголемиот дел од северот на земјата, принудувајќи ја владата да побегне на југ, а потоа во егзил во Саудиска Арабија.

Меѓународната коалиција влезе во војната во 2015 година за да и помогне на меѓународно признатата влада да ја врати контролата врз земјата.

Конфликтот, во кој загинаа 150.000 луѓе, вклучително и повеќе од 14.500 цивили, ја предизвика најтешката хуманитарна криза во светот.