Човековите права се на удар од сите страни, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, повикувајќи на „нов моментум“ во светот што „назаднува“.
Отворајќи ја 52-та седница на Советот за човекови права во Женева, Антонио Гутереш се осврна на војната во Украина.
„Руската инвазија на Украина го започна најголемото кршење на човековите права денес“, рече тој.
„Се враќаме на стариот авторитаризам“
Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк го критикуваше враќањето на „стариот авторитаризам“ и „деструктивните воени агресии, кои потекнуваат од минатото и имаат глобални последици, како што може повторно да се види во Европа со безумната руска инвазија на Украина“.
Седницата започна со едноминутно молчење за жртвите од земјотресите во Турција и Сирија.
Советот за човекови права никогаш не заседавал толку долго – речиси шест недели, што е знак за неговата важност во време кога се слави 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.
Сепак, некои земји кои не се познати по почитување на човековите права сметаат дека ова е доказ за прекумерно мешање на ОН во внатрешните работи.
„Човековите права се решение за многу проблеми во светот“
Војната во Украина, сиромаштијата, расизмот… генералниот секретар на ОН ја бранеше Генералната декларација која е „напаѓана од сите страни“ и ги критикуваше владите кои ја „поткопуваат“.
„Отидовме наназад“, рече тој, повикувајќи да се даде „нов моментум“ на човековите права, кои се решение за многу проблеми во светот, како што се климатската криза и злоупотребата на новите технологии.
Воени злосторства во Украина
Речиси 150 високи функционери, вклучително и министрите за надворешни работи на Франција, Иран и Кина, учествуваат на делот на високо ниво од состанокот што ќе трае до четврток.
Во текот на денот преку видео врска ќе им се обрати американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Во четврток во Женева се очекува пристигнувањето на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Во центарот на дискусиите ќе биде руската инвазија на Украина, а на крајот на седницата е закажано гласање за продолжување на работата на истражителите на ОН во Украина, кои својот прв писмен извештај ќе го презентираат на 20 март, по тие во септември тврдеа дека таму се случуваат воени злосторства.
Ќе се разговара и за обновувањето на мандатот на известувачот за човекови права во Русија
Украинската амбасадорка Евгенија Филипенко се залага за „зајакнување“ на резолуцијата со која се дефинира мандатот на истражителите, но не е сигурно дека ќе се почитува бидејќи Киев и неговите западни сојузници мора да убедат некои земји кои не сакаат да ја критикуваат Москва да не се приклучат на редовите на апстиненти.
Жестоки дискусии ќе се водат и за обновувањето на мандатот на известувачот за човекови права во Русија.
На дневен ред е и мандатот на известувачот за Иран, по задушувањето на протестите што избувнаа поради смртта во притвор на млада Иранка со курдско потекло.
„Доколку иранскиот народ е подготвен да излезе на улица, на меѓународната заедница е да обезбеди одговорност за злосторствата“, рече извршниот директор на Хјуман рајтс воч, Тирана Хасан.
Западниот дипломат рече дека текстот мора да ја одразува „страшната деградација на ситуацијата (во Иран) во последните месеци по убиството на Махса Амини“.
Тензии веројатно ќе предизвика и етиопското прашање. Етиопската влада, која го отфрла извештајот на истражителите на ОН во кој се обвинува за можни злосторства против човештвото во Тигра, започна дипломатска офанзива за да го блокира обновувањето на нивниот мандат.