Обединетите нации денеска предупредија дека војната меѓу Израел и Хамас го турка Појасот Газа во глад пред очекуваното денешно гласање во Советот за безбедност за резолуција со која се бара зголемена помош за палестинската територија, но не и прекин на огнот.
Дополнително, во тек се дипломатски напори за воспоставување нова пауза во најлошата војна во Газа досега, предизвикана од невидените напади на Хамас врз Израел во октомври.
Условите на палестинските територии се влошуваат, а Советот за безбедност на ОН сè уште преговара за резолуција со која би се зголемила испораката на помош.
Целото население на Газа се соочува со „непосредна опасност од глад“, предупредија ОН, додавајќи дека повеќе од половина од 2,3 милиони жители се соочуваат со „катастрофални услови“.
„Со недели предупредуваме дека со ваквото лишување и уништување, секој изминат ден ќе носи повеќе глад, болести и очај кај жителите на Газа“, објави заменик-секретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за вонредни состојби Мартин Грифитс на платформата X.
Последниот нацрт на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, кој го виде агенцијата Франс прес, повикува на „итни чекори веднаш да се овозможи безбеден и непречен хуманитарен пристап и, исто така, да се создадат услови за одржлив прекин на непријателствата“.
Документот не повикува на итен прекин на конфликтот.
Со поддршка на САД, нивниот сојузник, Израел се противи на терминот за прекин на огнот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека нема да има прекин на огнот додека Хамас не биде елиминиран.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас Гринфилд за новинарите изјави дека Вашингтон ќе ја поддржи резолуцијата доколку нацртот биде изгласан во таа форма.