ОН: Околу 100.000 Украинци ги напуштиле своите домови

Сподели со своите пријатели

Околу 100.000 луѓе ги напуштиле своите домови во Украина, а уште неколку илјади ја напуштиле земјата, откако Русија утринава започна воена офанзива врз таа земја, соопштија вечерва Обединетите нации (ОН).

„Сè уште не можеме да ја потврдиме точната бројка, но јасно е дека има значително движење во земјата и одредено движење преку границите“, изјави за AFP Шабија Манту, портпаролка на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.

Таа додаде дека според проценките на ОН „околу 100.000 луѓе веќе ги напуштиле своите домови, додека неколку илјади луѓе ги поминале меѓународните граници“.

Претходно денеска, високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди ги повика соседните земји да ги држат границите отворени за „луѓето кои бараат безбедност и заштита“.