Насилството врз децата за време на вооружените конфликти достигна „екстремни нивоа“ во 2023 година со „шокантно“ зголемување на сериозните прекршувања, иако податоците за Газа се нецелосни, се вели во годишниот извештај на генералниот секретар на ОН што го виде агенцијата Франс прес.
„Во 2023 година насилството врз децата за време на вооружени конфликти достигна екстремни нивоа, со шокантни 21 процент зголемување на сериозните прекршувања“, се вели во извештајот, кој официјално треба да биде објавен во четврток.
Извештајот ги набројува повредите на правата на децата (под 18 години) во дваесетина конфликтни зони во светот, а во анексот се наведени оние кои се одговорни за овие прекршувања, вклучително и убиени и осакатени деца, регрутирање деца, киднапирање и сексуално насилство.
Конкретно, извештајот ја разгледува војната што трае од април 2023 година меѓу суданската армија и паравоените сили.
Завојуваната армија на Судан и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) се додадени на „списокот на срамот“ на ОН поради кршење на правата на децата за време на конфликтот.
Извештајот забележува „неверојатни 480 проценти зголемување“ на бројот на сериозни прекршувања на правата на децата во Судан во 2022 и 2023 година.
„Длабоко сум вознемирен од драматичното зголемување на сериозните прекршувања, особено регрутирањето и употребата на деца, убиствата и нападите врз физичкиот интегритет и нападите врз училиштата и болниците, како и влошувањето на хуманитарниот пристап“, напиша Антонио Гутереш.