Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во вторникот со големо мнозинство усвои необврзувачка резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа.
153 земји-членки гласаа „за“, 10 беа „против“, а 23 „воздржани“.
Македонија беше меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата на Генералното собрание на ОН.
Резолуцијата беше поддржана од сите земји од Западен Балкан, а против, меѓу останатите, беа Израел, САД и Германија.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и ги одразуваат глобалните ставови во однос на војната во Појасот Газа.
Резолуцијата, исто така, бара од сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите.
Дополнително, се повикува на итно и безусловно ослободување на сите заложници и обезбедување пристап до хуманитарна помош до Појасот Газа.
Нацрт-резолуцијата беше поднесена од групата од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка.
Гласањето во вторник доаѓа откако САД на 8 декември ставија вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот во двомесечната војна меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.
Ниту една земја нема право на вето на Генералното собрание.
Гласањето на 12 декември беше одржано еден ден откако 12 претставници на Советот за безбедност на ОН ја посетија египетската страна на граничниот премин Рафах.
САД не испратија пратеник на ова патување.
САД и Израел се противат на примирјето затоа што веруваат дека тоа само ќе му користи на Хамас.
Наместо тоа, Вашингтон се залага за паузи за да се заштитат цивилите и да се дозволи ослободување на заложниците од Газа.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд пред гласањето изјави дека постојат аспекти од документот што САД ги поддржуваат, како што е потребата за итно решавање на хуманитарната криза во Газа, заштита на цивилите и ослободување заложници.
„Но, прекинот на огнот во овој момент во најдобар случај би бил прерано и опасен за Израелците – кои би биле изложени на немилосрдни напади. Исто така, би било опасно за Палестинците – кои заслужуваат шанса да изградат подобра иднина ослободена од Хамас“, рече таа.