По повод Неделата на детето, која се одбележува во првата седмица на месец октомври, Народниот правобранител упати апел за подигнување на степенот на чувствителноста на општеството за важноста од почитување на правата на детето и да се обезбедат услови за целосно имплементирање на Конвенцијата за правата на детето.
– Сите држави членки на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) , првата седмица од месец октомври ја одбележуваат како Недела на детето, со цел да се потсетат дека како потписнички на Конвенцијата за правата на детето потребно е да обезбедат услови за целосно имплементирање на принципите и правата кои произлегуваат од оваа КонвенцијаВо таа насока Народниот правобранител како орган кој води посебна грижа за заштита на правата на детето преку посебното одделение за деца и лица со попреченост потсетува дека одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас и дека секоја одлука која се однесува за детето или пак, е во врска со неговите права треба да биде во негов најдобар интерес, без дискриминација и со почитување на неговото мислење, се наведува во соопштението од Народниот правобранител.
Упатувајќи апел за подигнување на степенот на чувствителноста на општеството за важноста од почитување на правата на детето, Народниот правобранител нагласува дека сите деца се еднакви во правата, дека на секое дете треба да му се обезбедат услови за нормален живот, топол дом и опкружување, услови да расте со грижата и љубовта од најблиските, непречено да се образува, да има пристап до највисоко ниво на здравствена заштита, како и да биде заштитетно од секаква злоупотреба, насилство или занемарување.
-Оваа недела нека биде поттик за сите кои работат со децата или во интерес на децата, посериозно и пoпoсветено да продолжат со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата, вклучувајќи ги секогаш кога е тоа можно и потребно, слушајќи го и почитувајќи го нивното мислење, затоа што тоа е еден од начините на кои општеството ќе покаже дека навистина се залага и се грижи за доброто на секое дете, порачува Омбудсманот.
Виолета Геров