Оливера Трајковска од Куманово, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, беше дел од делегацијата која во Ватикан оствари средба со новоизбраниот папа Лав XIV.
Трајковска беше дел од државно – црковната делегација, која ја предводеше претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
– Честа да бидеме меѓу првите делегации који се удостоија со аудиенција кај новиот папа, за нас Македонците е од огромно значење како народ и придонесува за продлабочување на дипломатските односи помеѓу Македонија и Ватикан, вели Трајковска.
Државно – црковната делегација предводена од претседателката Сиљановска Давкова, ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре” и положи бела роза на гробот на папата Франциск.
Дел од делегацијата беа: министерот за култура и туризам Зоран Љутков, митрополитот Тетовско – гостиварски г.Јосиф, епископот Стобиски г. Јаков, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Оливера Трајковска и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.
Причина за посетата на државно-црковната делегација на Рим и Ватикан беше 24 мај – Денот на сесловенските просветители.
Спомен плочата во базиликата е местото каде што Св.Кирил и Методиј ја носат глаголицата и каде што за прв пат се одобрени словенските богослужбени книги.
– Голема е честа да бидеш удостоен и да се поклониш пред рамноапостолите, који ни дале писменост, но и духовно просветление. Делото на светите рамноапостоли и сесловенски учители Св. Кирил и Методиј живее во нас, со нас и преку нас. Додека постои и последниот наш потомок, дотогаш и делото Кирило – методиево ќе вдахнува живот на секое слово и ќе говори со јазикот на писменоста, изјави Трајковска.
Во базиликата „Сан Клементо” беше отслужен молебен од страна на митрополитот Тетовско- гостиварски г.Јосиф и епископот Стобиски г. Јаков; со благослов на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.