„Околу нас“ е краткометражен филм создаден од група млади кумановци кои на своите врсници сакаат да им испратат порака дека наместо да бидат незаинтересирани за проблемите на општеството, тие треба да бидат промените во истото.
Станува збор за социјална драма проследена со позадински метафорички елементи.
Режисер на филмот е Стефан Павличек, кој за Кумановски Муабети вели дека инспирацијата за филмот доаѓа од неодговорноста и незаинтересираноста на младите за проблемите и промените во општеството, односно опкружувањето во кое живеат.
– Во младите владее еден дух на одбивност према системот во кој живееат, бидејќи сметаат дека се отфрлени од општеството. Тие се чувствуваат како странци во својот дом. Идејата ни е преку овој филм да покажеме дека улогата која ја имаат младите во општеството е огромна и дека нивното мислење е најважно, вели Павличек.
Според режисерот, потребно е младите да веруваат во своите способности, да веруваат во своите идеи, да бидат сигурни во себе кога донесуваат одлуки, да се ценат самите себе и да сфатат дека немаат само права туку имаат и обврски.
– Пораката до младите е да учестуваат во промените, а не само да ги коментираат и да имаат мислење за нив, со тоа да го оправдаат своето постоење, вели тој.
Во филмот играат Николај Павловски, Дејвид Стоилковски, Бојан Костовски, Стефан Павличек, Ивана Стефановска, Слаѓан Арсовски и Александар Трајковски.
Во техничката реализација се вклучени Марко Јовановски задолжен за камера, звук Иван Станишковски, превод ВИкторија Нестороска, а монтажер е Бојан Костовски.
Сите овие млади луѓе се од Куманово, кои немаат никакво актерско ниту продукциско искуство. Најголем дел од нив имаат учествувано во аматерски театарски групи.
Идејата на групата, како што појасни режисерот Павличек, е да продолжат со вакви краткометражни филмови и во иднина.
Филмот можете да го погледнете во видеото подолу:
Никола Ивановски