Премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче денеска на Граничниот премин Табановце направија увид во спроведувањето на превентивните мерки за откривање и спречување на ширењето на коронавирусот.
Токму овој граничен премин важи за еден од најфрекфентните во држава, каде доаѓаат патниците од Северна Италија, а премиерот Спасовски заклучи дека се почитуваат препораките издадени од Владата и Кризниот штаб.
– Оваа состојба на будност и подготвеност ќе трае и понатмау, кризниот штаб два пати дневно се состанува, се анализираат сите факти и се изнесуваат заклучоци во јавноста, со цел граѓаните да бидат добро запознаени за тоа што се случува во Република Северна Македонија, изјави Спасовски.
Откако е потврден првиот случај на заразено лице со коронавирус во земјава, како што рече Спасовски, околу 250 патници од ризичните зони од Италија дошле со автобуси, а околу 70 со сопствени возила во земјава.
– Сите тие биле подложни на котрнола, извршени се консултации со епидемиолози кои 24 часа работат и се достапни за граничните премини, немало случај кој требало да биде изолиран или тестиран, тоа покажува дека сите процедури кои ги спроведуваме тука се ефикасни, рече премиерот Спасовски.
Во однос на зголемување на цените на заштитни маски и средства за дезинфекција, Спасовски најави дека Владата најостро ќе реагира, затоа што во рамки на криза не може никој да профитира.
Никола Ивановски