Повеќе од 1.200 мигранти беа уапсени на островот Крит и блискиот остров Гавдос во изминатите три дена, откако нивниот прилив преку Средоземното Море од правец на Либија се интензивираше.
Грчката крајбрежна стража соопшти дека неколку бродови биле пресретнати покрај јужниот брег на Крит од саботата, што ги натера регионалните претставници да побараат помош од централните власти во Атина.
Зголемениот прилив на мигранти започна во исто време кога грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетротис, отиде во Либија да разговара со двете влади на таа земја, која беше зафатена од хаос по Арапската пролет во 2011 година и падот на владата на Моамер Ел Гадафи, па сега има меѓународно призната влада во Триполи и соперничка администрација на истокот од земјата.
Темата на посетата на Герапетритис беше сè потешката мигрантска криза и спорот околу поморската граница, објави Радио Слободна Европа.
Портпаролот на владата во Атина, Павлос Маринакис, изјави дека патролите на крајбрежната стража и морнарицата веројатно ќе бидат интензивирани.
Тој исто така изјави дека од почетокот на годината, на Крит пристигнале околу осум илјади мигранти, кои тргнале од Либија на ризично патување низ Медитеранот, долг околу 350 километри, обично користејќи небезбедни, па дури и неупотребливи чамци и бродови за навигација – често добиени од отпад, а потоа модифицирани.
Островот Гавдос, покрај јужниот брег на Крит, е преплавен со мигранти.
Нивните бродови и чамци се заглавени на плажите таму, до кои најчесто може да се стигне само пеш.
„Ова е сложено и исклучително сериозно прашање. Крит и неговото население се под значителен притисок“, рече Маринакис.
Тој додаде дека се надева дека сите дипломатски напори ќе вродат со плод.
„Во спротивно, ќе бидеме принудени да усвоиме стражари и многу пообемни мерки за да ја обезбедиме заштитата на државата“, рече Маринакис.