ОИК Куманово ги врачи уверенијата за градоначалник и советници (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општинската изборна комисија Куманово денеска во свечената сала во Општина Куманово им ги врачи уверенијата на градоначалникот Максим Димитриевски и 31 член на новиот Совет.

Осум различни советнички групи ќе има новиот состав на Советот на Општина Куманово.

Претседателката на ОИК, Кристина Цветковска им ги врачи уверенијата и им посака многу успех во работата во претстојните четири години.

– На советниците им посакувам многу успех, успешна работа, да работат во интерес на граѓаните. На градоначалникот му посакувам многу успех и реализирани програми, изјави Цветковска.

 

 

Новитет за овој состав на советот е што за прв пат тој ќе брои 31, наместо 33 членови како во минатото. Причината е што на последниот попис Општина Куманово падна под 100.000 жители.

Во однос на претходно објавените мандати, измена има само кај носителот на листата на ДПСМ, Иван Стоилковиќ, кај кој постои судир на интереси, односно веќе е вицепремиер, па на негова позиција доаѓа следниот на листата, а тоа е Срѓан Ѓорѓевиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тројца приведени во Куманово, го нарушиле јавниот ред и мир, оштетно и возило

Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека Куманово во овој мандат ќе го реализира сето она што беше ветено и составен дел од програмата. Воедно упати честитики до новиот состав на Советот.

– Целта е заедничка, а тоа е раст и развој на Куманово во еден модерен и европски град, рече Димитриевски.

 

 

Засега не е познато кога ќе се одржи конститутивната седница, но се очекува тоа да се случи во следните неколку дена.

– Посакувам истиот да се конституира час поскоро бидејќи во Куманово се неопходни одлуки на овој многу важен претставнички орган, се со цел да се прилагоди Буџетот на реалните потреби до крајот на годината, а дополнително влегуваме веќе и во месец ноември кога ќе почнат подготовките на следниот буџет за 2026 година кој треба да ги содржи сите оние развојни компоненти согласно Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведено лице кое пред кумановскиот суд се заканувало на полицајци

 

 

Како што посочи градоначалникот, мнозинството застапено во централна власт ќе биде претставено и на локално ниво, но не откри повеќе детали.

Во однос на претседателското место во Советот, вели дека немало претходни договори и тоа ќе се знае на конститутивната седница.

– Немало никакви договори во однос на распределба на места во предизборниот период, ниту пак предизборни коалиции, имаше отворени поддршки од страна на ЗНАМ кон кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ низ целата држава, воедно и на ВЛЕН, а исто така јас како кандидат на ЗНАМ ја добив поддршката од нашите партнери на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и немало такви преговори и разговори, тоа ќе се случува во следните денови. Кој ќе биде следниот претседател на Советот ќе видиме на самата конститутивна седница на Советот, изјави градоначалникот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Уште денес дожд, а потоа постудени утра

Инаку во однос на составот на Советот, најмногу мандати има освоено Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, кои и ќе формираат коалиција.

Составот е следен:

Движење ЗНАМ – За наша Македонија: Ивана Ѓорѓиевска, Моника Марковска, Дарко Митевски, Мила Петрушевска, Самет Салиевски, Аце Трајковски и Зоран Јовановски.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата: Владимир Михајловски, Христина Божиновска, Ивана Лазаревска , Сања Јакимовиќ – Петковска, Иван Димитриевски и Тони Димитриевски.

ДУИ (коалиција НАИ): Блјерим Исени, Хузеир Мустафи, Шпреса Реџепи, Исуф Сефери и Шемси Мурати.

СДСМ и коалицијата: Томица Илиќ, Благојче Јаќимовиќ, Тамара Анастасовска и Марина Манојловска.

–  ДПСМ: Бобан Јаќимовиќ, Рената Пандуревиќ и Срѓан Ѓорѓевиќ.

ВЛЕН: Скендер Османи, Љуљзим Алјити и Акиме Реџепи.

Независна листа на граѓани– Иван Петковски и Југослав Спасиќ

Левица – Виторио Зафировски.

Колку коалиции ќе постојат внатре во составот, ќе се знае по конститутивната седница.

Никола Ивановски