Руската армија доби наредба да оди напред во сите правци, откако Украина ги одби преговорите, соопшти денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
– На сите единици на руската армија денеска им беше наредено да се движат напред во сите правци во согласност со планот на операцијата, откако Украина одби да учествува во преговарачкиот процес – рече Конашенков на брифинг со новинарите.
Претходно денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека украинската страна ги одбила преговорите со Русија, поради што рускиот претседател Владимир Путин и наредил на армијата да продолжи со операциите, иако во петокот нареди прекин на напредокот.
Подоцна денеска Украина ги отфрли сугестиите дека одбива да преговара за прекин на огнот со Русија, но исто така изјави дека не е подготвена да прифати ултиматуми или неприфатливи услови.
Михаил Подољак, советник во кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за Ројтерс изјави дека Украина подготвила преговарачка позиција, но се соочува со несоодветни преговарачки услови од Русија.