Комитетот за мир на Доналд Трамп поднесе писмен предлог до Хамас за тоа како милитантната група би можела да го положи оружјето, што е клучен чекор во планот на американскиот претседател за иднината на Газа, кој Хамас досега го отфрли.
Според два извори запознаени со ситуацијата, предлогот бил презентиран за време на состаноците одржани минатата недела во Каиро, пишува Ројтерс.
Во разговорите, за кои првпат објави NPR, учествувале Николај Младенов, претставник на Трамп за Газа во Комитетот за мир, и Арјех Лајтстоун, помошник на специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф.
Планот на Трамп за Газа, за кој Израел и Хамас се согласија минатиот октомври, предвидува повлекување на израелските сили од Појасот Газа и почеток на реконструкцијата, под услов Хамас да го положи оружјето.
Младенов во четврток изјави дека се во тек сериозни напори за помош на воено разорената Газа и дека медијаторите се согласиле за рамка што би можела да ја поттикне реконструкцијата на енклавата, од која поголемиот дел е во урнатини.
„Предлогот сега е на маса. Потребен е јасен избор: целосно разоружување на Хамас и сите вооружени групи, без исклучок. Во ова време на надеж, нека одговорните донесат вистинска одлука за палестинскиот народ“, објави Младенов на социјалната мрежа X по повод муслиманскиот празник Фитр Бајрам.
Претставниците на Хамас не беа достапни за коментар во саботата, вториот ден од празникот. Разговорите за разоружување беа привремено прекинати со почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, која започна на 28 февруари.
Можна понуда за амнестија
Американските претставници велат дека на Хамас, кој е поддржан од Иран, би можел да му биде понудена амнестија како дел од договор според кој би се согласил да предаде тешко и лесно оружје, вклучително и пушки.
Извори блиски до Хамас велат дека групата веројатно ќе одбие да го предаде оружјето поради страв од напади од сопернички милиции во Газа, од кои некои се поддржани од Израел.
Од прекинот на огнот во октомври, Хамас и соперничките групи извршија смртоносни напади едни врз други.
Еден од изворите рече дека многу работи ќе зависат од тоа што е прифатливо за Израел, кој бара целосно разоружување на групата. Високи претставници на Хамас јавно отфрлија каква било можност за разоружување во последните месеци.
Во меѓувреме, Израел не покажува намера да ги повлече своите сили што контролираат приближно половина од Појасот Газа, додека Хамас цврсто држи до другата половина од енклавата и нејзините два милиони жители, од кои повеќето останаа без покрив над главата за време на двегодишната разорна војна.
Изворот наведе дека на Хамас му се нуди амнестија и целни инвестиции во Газа како стимул, но додаде дека не е јасно дали Комитетот за мир ќе има средства да ги спроведе тие ветувања.
Во февруари, Трамп собра околу 7 милијарди долари ветувања за помош од различни земји, вклучително и некои земји од Заливот, но Иран оттогаш ги нападна токму тие земји како дел од поширокиот конфликт на Блискиот Исток.
Истиот извор тврди дека е обезбеден само мал дел од ветените средства, без да наведува конкретни износи.

