Одбојкарскиот клуб Куманово оствари пласман во финалето на Купот на Македонија во одбојка за жени.
Со оглед дека во Куманово, во првиот натпревар, домашната екипа со максимална победа од 3:0 најави дека оваа година ќе го брани трофејот, во реванш натпреварот им беше потребен само еден сет за да во конечниот сет количник нашите девојки бидат поуспешни.
Во вчерашниот меч против екипата на Јанта Волеј тоа се потврди: на гостинскиот терен во Скопје – сала Невена Георгиева Дуња, со почеток во 20:00 часот, девојките веќе во првиот сет ги отклонија сите дилеми добивајќи го овој период од игра со 25:16.
Остатокот од мечот беше само формалност и шанса добија сите девојки да настапат и да се докажат на стручниот штаб.
Конечен резултат на мечот беше 3:2 во сетови (16:25, 25:20, 21:25, 25:16, 15:10) за 108 минути.
Веќе во петок (30.03.2018 г.) со почеток во 16:00 ч. ОК Куманово ќе одигра натпревар од лигашкиот дел на првенството. На гостување во Струмица противникот ќе биде „фенерџијата“ ОК Македонија Макс.
Продолжените одбојкарски возбудувања веќе во недела кога во Куманово ќе гостува екипата на ОК Виктори Волеј од Струмица. Почеток на овој натпревар од 16. коло е закажан за 16:30 минути во салата на СОУ Перо Наков.