Патронажната служба од кумановскиот Здравствен дом со интензивни активности, преку редовни патронажни посети, советувања, споделувања искуство и поддршка за оддржување на доењето, ја одбележа Светската недела на доењето, соопштија денеска надлежните од здравствената установа.
Годинава, светската недела се одбележува под мотото „Да се поддржат родителите, за да се овозможи доењето“.
– Мајчиното млеко е најдобар избор за правилен раст, развој и здравје на бебето. По препорака на Светската здравствена организација (СЗО), УНИЦЕФ, ОН и другите релевантни здравствени светски институции, ние ги советуваме мајките екслузивно да ги дојат доенчињата до шестмесечна возраст, бидејќи мајчиното млеко во целост ги задоволува потребите на бебињата, изјави Лилјана Ивановска, одговорна патронажна сестра од Здравствениот дом Куманово.
По овој период, постепено треба да се внесува храна, но препораката на патронажните сестри е да се продолжи со доењето кое позитивно влијае врз психо-физичкото здравје на новороденчињата.
– Речиси сите мајки по породувањето имаат желба да дојат, голем дел од нив успеваат, а приближно 30 отсто од родилките поради различни причини користат адаптирани млека, формули, додава Ивановска.
Светската недела на доењето се одбележува во 170 држави.