Банкнотата од 5.000 денари официјално заминува во историјата на македонското банкарство, можеби како еден од најголемите промашувања, но затоа од утре ни пристигаат банкнотите од 200 и 2.000 денари.
Банкнотите ќе бидат соодветно заштитени, ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци и зајакнати рабови за да се спречат физички оштетувања.
Според она што го соопшти централната банка на банкнотите од 200 денари ќе има мотиви од релјеф од виничките теракотни икони, како и елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово додека на банкнотата од 2.000 денари, на предната страна ќе стои македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на задната ќе има декорација од внатрешна страна на позлатен сад.
Воведувањето на новите банкноти со помала номинална вредност ќе значи полесна и поефикасна готовинска трансакција и урамнотежување на побарувачката на одредени други деноминации.
Во меѓувреме, додека новите банкноти не бидат пуштени во оптек, ќе се врши едукација на вработените во банките во врска со карактеристиките на новите апоени, како и софтверско прилагодување на машините за броење пари, како и банкоматите, со цел од 15-ти да биде овозможено непречено користење на новите банкноти.