Од први декември се укинува партиципацијата за бремени жени

Сподели со своите пријатели

Новите мерки на Министерството за здравство за намалување на смртноста кај доенчиња и мајки, кои предвидуваат бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи на бремените жени, биохемиски анализи, вклучувајќи го и подродувањето, како и советување на бремените жени при посетата од страна на патронажните служби, ќе започнат од декември годинава за сите здравствено осигурени жени, односно од јануари 2016 година за жените без здравствено осигурување, изјави денес Државниот советник во Министерството за здравство, Јованка Костовска

Loading...

Согласно мерките, како што најави Костовска, од 1 декември ќе бидат ослободени од партиципација  бремените жени кои се здравствено осигурани, што значи дека за сите услуги што треба да ги направат на секундарно ниво како лабораториски и микробиолошки прегледи и скрининзи за кои е потребна партиципација нема да плаќа ниту една бремена осигурена жена.

Сите здравствени установи, продолжи Костовска, во државата ќе бидат информирани да знаат да не наплаќаат партиципација, а за средствата за партиципација ќе се обраќаат до Министерството за здравство, кое ќе ги обезбеди од сопствен буџет.

– Од јануари 2016 година здравствено неосигурените бремени жени, кои се без здравствено осигурување, ќе бидат целосно ослободени од сите прегледи и партиципации кај гинеколог и породување, нагласи Костовска.

Проектот домашна визита предвидува патронажните служби од здравствените домови да стават посебен акцент на посета на бремените жени од социјално ранливите групи, како што се бремени жени со понизок степен на образование, односно без образование или со основно образование, како и жени кои примаат социјална помош.

– Бројот на жени од социјално ранливи групи во репродуктивен период од 16 до 49 години во државата е околу 70.000. Тие ќе бидат советувани да се јават на матичен гениколог и да ги прават потребните прегледи бесплатно, со приоритет на бремените жени. Оваа активност започнува од средината на декември, рече Костовска.

Во рамки на активноста „Наш специјалист“, додаде Државниот советник во Министерството, низ државата има слободни 12 гинеколошки амбуланти по Здравствените домови, во кои ќе одат гинеколози од регионалните болници на нивните подрачја и ќе прегледуваат жени еднаш неделно.