Централното градско подрачје на Куманово од понеделник ќе добие празничен изглед со вклучување на новогодишното осветлување, кое изминатите денови се монтираше низ градот, а паралелно ќе започне и новогодишниот и божиќен базар на градскиот плоштад.
Вкупно 13 дрвени куќички со крофни, греено вино, топол чај и новогодишни украси ќе бидат поставени на Градскиот плоштад.
Базарот се реализира во соработка со Општина Куманово, а претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлиу, истакна дека по подолг период граѓаните повторно ќе имаат можност да уживаат во вакви празнични содржини.
– Факт е дека на нашиот плоштад долго време немаше вакви случувања и одлучивме да обезбедиме 13 штандови куќички изработени од дрво и ќе имаат новогодишен лик. Има доста пријавени и една голема благодарност до општината и градоначалникот кои ни излегоа во пресрет, ние имаме добра соработка со нив. За мнгоу кратко време ги спремија сите потребни документи да ни излезат во пресрет, изјави Фазлиу.
Според него, иако бројот на штандови не е голем, понудата ќе биде разновидна и соодветна на просторот каде што ќе бидат поставени од 15-ти овој месец.
Паралено со почетокот на новогодишниот базар, од понеделник ќе биде вклучено и новогодишното осветлување во градот, кое се монтираше изминатите денови.
Од Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ кои се задолжени за новогодишното украсување, информираат дека ќе се користат украсите кои во изминатите неколку години претпријатието ги набавуваше, наместо како во минатото да ги изнајмува од приватни компании.
Тезгите на новогодишниот базар ќе работат од 10 до 22 часот, а ќе бидат поставени се до Божиќ.
Во меѓувреме од 19ти се очекува да стартува и културно-уметничка програма која ќе трае десетина дена, а во рамките на истата на градскиот плоштад ќе настапат и неколку музички имиња, меѓу кои неофицијално Сара Мејс, Антониа Гиговска, Мартинијан Кириловски и Мартија Станојковиќ.
Никола Ивановски

