Русија „прими“ повеќе од 700.000 украински деца откако минатата година започна целосна инвазија на Украина, се вели во официјалниот извештај на руската претседателска комисија за правата на децата, објавен вчера, според рускиот портал Москва тајмс.
„Од февруари 2022 година, Руската Федерација прими приближно 4,8 милиони жители на Украина и републиките во Донбас, од кои 700.000 се деца“, се вели во извештајот.
Огромното мнозинство од 700.000 украински деца пристигнаа во Русија со своите родители или роднини, рече комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова без да наведе повеќе детали.
Да потсетиме дека САД, Европската Унија и Обединетото Кралство минатата година ја санкционираа Лвова-Белова за нејзината наводна улога во шемата за трансфер на деца, а Јапонија тоа го стори во јануари оваа година.
Нејзиниот извештај вели дека 1.500 сирачиња биле евакуирани во Русија од сепаратистичките источни украински региони Доњецк и Луганск, од кои 380 оттогаш биле посвоени од руски родители.
Во извештајот не се спомнуваат сирачиња од други украински територии, истакнувајќи само дека 52 сирачиња од руската окупирана област Херсон биле „привремено“ транспортирани во анектираниот Крим во ноември 2022 година.
Лвов-Белова и претседателот Владимир Путин се под потерници од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за „незаконска депортација“ на украински деца.
Истрагата поддржана од ОН покажа дека присилното пренесување и депортирање на украински деца од Русија на територии под руска контрола претставува воено злосторство.
Кремљ ја отфрли наредбата на МКС како правно „неважечка“ бидејќи Русија не ја признава јурисдикцијата на судот со седиште во Хаг.
Киев вели дека околу 19.500 украински деца биле депортирани во Русија од инвазијата, при што се верува дека многумина се сместени во институции и згрижувачки домови.
Оттогаш Русија пронашла уште 15.500 деца и вратила 386 од нив, според базата на податоци на украинската влада „Деца на војната“, пишува The Moscow Times.