На 27-ти март, поточно во недела, во 2 часот наутро Република Македонија ќе премине на летно сметање на времето.
Истото ќе трае до 30-ти Октомври во 3 часот, кога повторно ќе се премине на зимското. Стрелките на часовникот во недела треба да се поместат еден час напред и наместо 02 да означуваат 03 часот.
Почетоците се поврзани со Бенџамин Френклин, кој додека бил американски делегат во Франција, во 1784 го напишал есејот „Економичен проект“, кој е еден од првите пишани елаборати на оваа тема. Потоа, на 21 мај 1916 година Велика Британија, следејќи го примерот од Германија, за прв пат го воведува летното сметање на времето.
Најпрво договорот бил часовниците да се поместуваат по 20 минути во текот на 4 последователни недели, односно вкупно 80 минути. Причината била, исто како и денес, повеќе да се искористи сончевата светлина во текот на приквечерието, а помалку светлина да остане неискористена во текот на утрото, но притоа не дозволувајќи драстични промени одеднаш.
Ова вештачко поместување на стрелките не е поврзано со природна појава, туку само прилагодување на сметањето на времето кон потребите и навиките на човекот. Тоа е чиста конвенција, односно интерен договор. Токму затоа правилата на игра се разликуваат од држава до држава.
Loading...
Во Европа, во 1996 година по договор е земено од зимско кон летно сметање на времето да се преминува во последната недела (недела како ден) од месец март, точно во 1 часот наутро според Универзално време (UT). Тоа значи дека доколку кај нас (Средно европско време) се менува сметањето на времето во 2 часот по полноќ, во Велика Британија и Португалија тоа е во 1 по полноќ, а пак во Грција, Бугарија итн. во 3 по полноќ.
Во Соединетите Американски Држави тоа го прават во првата недела од месец април, и тоа во 2 часот по полноќ според локално време. Тоа значи дека таму сметањето не се менува одеднаш, туку во етапи, зависно од географската ширина. Во САД е интересно што има три сојузни држави каде промената на сметањето не се почитува. Во Аризона е најхаотично. Таму, од вкупно 92 општини, 77 го сметаат времето според Источното американско време, и скоро сите не го почитуваат менувањето на времето, освен две општини кои се „послушни“. Останатите 15 општини, пак, се според Американското средно време и го почитуваат менувањето како и во останатите држави. Ако било кога одите во Аризона, поубаво не прашувајте „колку е саат“. Којзнае што ќе ви кажат… Еден кандидат за гувернер на Аризона најубаво кажал во својата кампања: „Дел од моите пријатели се Аризона да се приклучи кон менување на времето. Другиот дел се против. А јас секогаш ги слушам моите пријатели“.
Повеќето од земјите на лекваторијалниот појас воопшто не го менуваат времето, бидејќи таму и не се чувствува многу промената на должината на денот и ноќта во текот на годината. Враќањето од летно кон зимско сметање на времето е во последната недела од октомври.