Од каде им се пари на Талибанците за војување?

Сподели со своите пријатели

Откако американската војска се повлече од Авганистан, Талибанците почнаа да освојуваат територии и да преземат контрола над околу половина од провинциските престолнини. Иако некои функционери и аналитичари се изненадени од овој успех на Талибанците, тоа може да се објасни со милијардите долари што ги добиваат од различни страни, пишува Гласот на Америка.

Разузнавачките служби наведуваат дека не е можно да се утврди точната сума на пари што ја имаат Талибанците, но дека проценките се дека тие добиваат или инкасираат помеѓу 300 милиони и 1,6 милијарди долари годишно.

Според извештајот на Обединетите нации, Талибанците добиваат најголем дел од парите од производство и продажба на опиум, изнуда и киднапирање.

Разузнавачките служби проценуваат дека Талибанците заработуваат 460 милиони долари само од продажба на дрога.

Парите, исто така, доаѓаат од природните ресурси во областите контролирани од Талибанците, така што тие лани собрале 464 милиони долари од рударството.

Според ОН, талибанските лидери добиваат пари и од донатори, невладини организации и богатите.

Американските власти тврдат дека Талибанците добиваат пари, оружје и обука од Русија секоја година, а некои аналитичари велат дека парите доаѓаат и од Пакистан и Иран.

Без оглед на износот на собраните пари, прашањето е дали Талибанците би имале доволно за да го држат целиот Авганистан под контрола.

Според податоците на Светската банка од 2018 година, авганистанската влада потрошила 11 милијарди долари, од кои 80 проценти од парите се наменети за странска помош.

Специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмај Кализад изјави дека Америка сѐ уште има одредена предност пред Талибанците поради парите што доаѓаат како странска помош.

Сепак, аналитичарот Бил Рохо од невладината Фондација за одбрана на демократијата се сомнева во тоа и вели дека Талибанците не се грижат за странската помош, туку нивната главна цел е да владеат.

Други експерти, исто така, предупредуваат дека доколку Талибанците насилно го преземат Авганистан, нема да имаат проблеми со парите.

„Како и другите милитантни групи, тие ќе добијат пристап до централната банка, сметки на владата и даночни приходи“, рече Метју Левит од Институтот за Блискиот Исток, додавајќи дека во тој случај „ќе го преживеат губењето на странска помош“.