Од 2023 година, Венеција ќе наплаќа влезници за еднодневни посети

Сподели со своите пријатели

Почнувајќи од следната година, посетителите на еднодневните патувања ќе треба да платат такса до десет евра за да влезат во италијанскиот град Венеција, едно од светските чуда кое долго време е оптоварено со прекумерен туризам.

Loading...

Мерката, објавена во петокот од Градскиот совет на Венеција, ќе стапи на сила на 16 јануари 2023 година.

Ослободени ќе бидат туристите кои преноќуваат, децата на возраст до шест години, сопствениците на викендички, луѓето кои престојуваат кај локалното население, студентите, деловните луѓе и неколку други категории.

Симоне Вентурини, градскиот советник за туризам, го нарече новиот систем „единствениот начин“ за контрола на масовниот туризам.

„Тоа е важен чекор, тоа е клучна фаза и ние сме први во светот што го направивме тоа“, рече тој.

Влезниците за Венеција ќе се движат од три до 10 евра, во зависност од тоа колку е зафатен градот.

Вентурини најави и поскапување на јавниот превоз и туристичките атракции. Од 1 септември поскапува поединечниот билет за воден ферибот од 7,50 на 9,50 евра, додека влезот во музеите на Свети Марко од 25 на 30 евра.

Тој подвлече дека не станува збор за целосно затворање на градот во една исклучително напорна сезона, како што е карневалот во февруари.

Loading...

„Градот секогаш останува отворен, но ако го достигнеме прагот… сè уште можете да дојдете ако сакате, но плаќате малку повеќе“, рече тој.

Резервациите ќе се вршат преку интернет, а тим од 15 до 20 инспектори ќе патролира по градските улички, мостови и плоштади во потрага по прекршителите, кои ќе се соочат со казни од 50 до 300 евра.

Туризмот е главната гранка на Венеција, но постојаниот прилив на посетители го прави градот сè поскап и помалку гостопримлив за локалното население, што се одразува во намалувањето на бројот на локални жители, кои сега се околу 50.000.