Обвинителството во Хаг бара 45 години затвор за Тачи, тој тврди: „Невин сум“

Сподели со своите пријатели

Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг побара 45 години затвор за Хашим Тачи и уште тројца членови на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) за воени злосторства и злосторства против човештвото.

По тригодишно судење пред Специјалниот совет за Косово во Хаг, главната обвинителка Ким Вест во својата завршна изјава предложи поранешниот претседател на Косово и другите високи членови на ОВК – Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красничи – да бидат осудени по сите десет точки од обвинението за, како што рече таа, личен придонес за извршување кривични дела.

Обвинетите се одговорни за смртта на најмалку 100 и злоупотребата на стотици луѓе, рече таа.

Беше докажано обвинението дека четворицата водачи на ОВК биле „протагонисти на здружен злосторнички потфат“, односно дека извршиле злосторства против оние што ги сметале за противници за да обезбедат контрола врз цело Косово, рече обвинителот.

Обвинението опфаќа злосторства извршени од припадници на ОВК од март 1998 година до септември 1999 година, кога, според обвинителите, во тек беше вооружениот конфликт со српските безбедносни сили на Косово.

Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи беа обвинети за злосторства против Србите, Ромите и Албанците, прогласени за „соработници“, во околу 40 притворски центри на ОВК во Косово, како и во Кукеш и Чахан во северна Албанија, од март 1998 до ноември 1999 година.

Сите обвинети ја негираа вината

„Обвинувањата не стојат, јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи.

Причините за масовното приклучување кон ОВК се резултат на дејствувањето на режимот на Слободан Милошевиќ, а не на личните амбиции, додаде тој, пренесува агенцијата Франс прес.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  САД вршат притисок врз НАТО да ги намали мисиите, вклучително и КФОР

Обвинителката, пак, во завршниот збор истакна дека „доказите кои беа изведени во текот на судењето покажаа дека делата од обвинението се сторени и дека обвинетиот сноси кривична одговорност“.

На крајот од процесот пред судот се обрати и претставникот на жртвите Сајмон Лоус кој рече дека ова е можност жртвите да дојдат до правдата по 25 години и светот да слушне колкава болка претрпеле.

Пресудата треба да биде изречена во следните три месеци, иако тој рок може да биде продолжен за уште 60 дена, или за уште два месеци.

Специјализираната комора на Косово во Хаг е кривичен суд со специфичен мандат да суди за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Косово од почетокот на 1998 година до крајот на 2000 година според законите на Косово.

Седиштето на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово е во Хаг, Холандија.

Персоналот е меѓународен, како и судиите, специјализираниот обвинител и секретарот.

Поранешниот командант на ОВК Салих Мустафа пред овој суд беше осуден на 26 години затвор за незаконско убивање, самоволно притворање и тортура.

Што рече обвинителката во својот завршен збор?

Бараме осудителна пресуда за обвинетите по сите точки од обвинението, рече таа.

„Ова се воени злосторства и злосторства против човештвото и тоа се сериозни злосторства, и овие обвиненија не губат тежина со текот на времето“, рече Вест, цитирајќи ја Коха.

Таа посочи дека обвинетите биле членови на штабот на таканаречената ОВК и дека командантите на зоните добивале наредби од обвинетите, а не обратно, пренесе РТС.

Обвинителството останува на аргументот што го изнесе во доказната постапка, нагласи таа.

Обвинителот рече дека „од самиот почеток не може да се избегне клима на заплашување и дека доказите укажуваат дека такви напори имало дури и во самиот Хаг“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Само 60 отсто од германските граѓани се задоволни од демократијата

Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи се притворени во Хаг од нивното апсење во ноември 2020 година, а судењето започна во април 2023 година.

Специјализираниот совет на Косово во Хаг беше формиран откако тогашниот претставник на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Дик Марти, подготви извештај за наводна вмешаност на припадници на ОВК во киднапирања, убиства и трговија со органи.

Во обвинението нема обвинение за трговија со органи.

Обвинетите во текот на 2025 година бараа да се отфрлат сите пријави за кривични дела сторени пред крајот на мај 1998 година и по 20 јуни 1999 година, што судот го одби.

За што беше обвинет Тачи?

Шест точки од обвинението се однесуваат на злосторства против човештвото – прогон, затвор, тортура, убиства и присилно исчезнување, а уште четири точки се воени злосторства – незаконско апсење, сурово постапување, тортура и убиства.

Тачи, Весељи, Сељими и Красниќо се обвинети за злосторнички потфат во врска со околу 100 убиства, како и за тортура и нехумано постапување во околу 40 притвори во периодот од 1998 до 1999 година.

Кривичните дела за кои се обвинети се извршени на повеќе места во Косово, како и во Кукеш и Чахан, во северна Албанија, се вели во обвинението.

Според обвинителството, најмалку 440 лица биле незаконски затворени, оние кои се занимавале со шумарство, земјоделство, новинарство или предавале во училиштата и не биле активни учесници во воените дејствија.

Меѓу нив имало и Срби, Роми, Бошњаци, Црногорци, но и Албанци.

Тие беа испрашувани и тепани, а тоа беа „посреќните“, најмалку 102 лица не ги преживеаја тие притвори.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Гејтс откажа говор за да не го прашуваат за Епстин

„Злосторствата не беа изолирани, туку се вршени систематски, а тоа се гледа од распространетоста“, рече еден од претставниците на обвинителството, покажувајќи слајд со мапа на Косово на кој убиствата се прикажани со црвени точки.

Затвори беа организирани на имоти во Јабланица, Лапушник, Злаш, Клечка и други места.

Во периодот кога се случија злосторствата во 1998 и 1999 година, течеше војната за независност на Косово против Србија, во која загинаа повеќе од 10.000 луѓе.

Тачи беше ко-основач на група која се бореше за независност и која некои ја сметаат за херој во Косово.

ОВК е основана во раните 1990-ти како милитантна група на етнички Албанци во тогашната покраина Србија.

Во своето завршно обраќање пред судот, Тачи рече дека Слободан Милошевиќ е „најголемиот кадар на ОВК“.

Тој претходно изјави дека во март 1998 година бил студент и „политички бегалец“ во Швајцарија, кога српските сили убиле речиси 50 членови од семејството на Адем Јашари, а тоа го натерало да посака да се врати и да им се придружи на борците на ОВК.

Убеден сум дека „бевме на вистинската страна на историјата“, иако сеќавањата заматија некои факти, но никој не може да напише нова историја, додаде тој.

„Секој на наше место би го направил истото доколку му биде ускратена слободата.

„ОВК беше армија од обични луѓе, многумина од нив загинаа со храбра смрт и тоа беше цената платена за слободата.

Чувствувам тага и болка за сите жртви, без разлика на вера, националност или политичка припадност“, рече тогаш Тачи.