Џулијан Асанж (52) вчера го напушти затворот со максимална безбедност Белмарш во Велика Британија, откако таму помина 1901 ден.
Високиот суд во Лондон му одреди кауција, а во текот на попладнето беше пуштен на аеродромот Стенстед, каде што се качи на авион и полета од Велика Британија.
Викиликс го објави првото видео на Асанж по излегувањето од затвор. „По повеќе од пет години во ќелија од 2×3 метри, изолиран 23 часа на ден, тој наскоро повторно ќе се соедини со сопругата Стела Асанж и нивните деца, кои го познаваат само нивниот татко зад решетки“, беше објавено на X на Викиликс.
Асанж се согласи да се изјасни за виновен по една точка од обвинението за заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД на Маријанските острови, американска територија во Тихиот Океан.
Мајката на Асанж: Благодарна сум што на маките на мојот син му се ближи крајот
За се проговори и мајката на Асанж. Таа рече дека е „благодарна“ што го видела крајот на судењето на нејзиниот син.
„Благодарна сум што на искушението на мојот син конечно му се ближи крајот. Тоа ја покажува важноста и моќта на тивката дипломатија“, изјавила Кристин Асанж, пренесува SkyNews.
Инаку, Асанж помина седум години во самоизолација во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде задржан во затвор со високо обезбедување во Лондон уште пет години.