Американските лаборатории Модерна и Мерк во вторникот ги објавија првите позитивни резултати за нивната вакцина против рак на кожа базирана на mRNA, која е во развој и ќе се зема во комбинација со лекови против рак.
Во една студија на околу 150 луѓе со меланом, земањето на вакцината заедно со лекот за рак Kaytruda го намалило ризикот од повторување на ракот и смрт за 44 проценти, во споредба со луѓето кои примале само лек за рак.
„За прв пат во рандомизирано клиничко испитување, покажавме дека mRNA може да делува на меланомот“, рече Стефан Бансел, извршен директор на Модерна во соопштението за печатот.
Модерна и Мерк, познати надвор од Северна Америка по акронимот MSD, планираат наскоро да ги објават целосните резултати од испитувањето, кои сепак мора да бидат потврдени од нивните колеги.
Дополнително, планираат во 2023 година да ја започнат и таканаречената трета фаза од испитувањето, кое ќе се спроведува на значително поголем број пациенти.
Технологијата на mRNA се покажа како клучна во сузбивањето на пандемијата на Ковид-19.
Модерна спектакуларно влезе на фармацевтскиот пазар кога беше меѓу првите, заедно со Pfizer-BioNTech, кои понудија вакцина против ковид-19 базирана на mRNA.
Оваа технологија би можела да даде добри резултати во лекувањето на многу други болести.
Лекот за рак Keytruda е одобрен само во САД.
Вакцината за меланом, која сè уште е во развој, е „персонализирана“ и „дизајнирана и произведена врз основа на уникатниот мутациски потпис“ откриен на туморот на пациентот, се вели во соопштението за печатот.
Во текот на студијата, на пациентите им е извршена операција за отстранување на туморот, по што го примиле лекот – најмногу девет дози од вакцината.
Околу 325.000 нови случаи на меланом беа дијагностицирани во 2020 година во светот, се додава во соопштението.
Две американски компании во октомври објавија дека потпишуваат договор за заеднички развој и продажба на вакцината против рак на кожата.
Тие планираат да ги поделат трошоците и евентуалната заработка.