Објавен оглас за вработување 300 нови професионални војници

Сподели со своите пријатели

Министерството за одбрана на Република Македонија објави јавен оглас за прием на 300 професионални војници во Армијата на Република Македонија, со цел зајакнување на кадровските капацитети и подмладување на воениот состав.

Според огласот, избраните кандидати ќе засноваат работен однос на определено време од четири години, со можност за продолжување, но најдоцна до навршување на 45-годишна возраст.

Работното време е предвидено од 08:00 до 16:00 часот, додека почетната плата изнесува над 30.500 денари, со дополнителен надоместок од над 13.000 денари за станбено обезбедување.

Заинтересираните кандидати треба да бидат државјани на земјата, полнолетни, со завршено најмалку средно образование и да не се постари од 25 години на денот на завршување на огласот.

Дополнително, тие треба да поседуваат соодветна здравствена и физичка способност, која ќе се утврдува преку посебни тестирања и лекарски прегледи.

Во процесот на селекција ќе се спроведуваат проверки на физичката подготвеност и здравствената состојба, согласно важечките правилници, а кандидатите ќе треба да исполнуваат и одредени критериуми за висина и телесна тежина.

Постапката ќе ја спроведуваат комисии формирани од министерот за одбрана.

Од Министерството потенцираат дека ќе се води сметка за правична застапеност на сите заедници, а посебен повик е упатен и до девојките и жените да се пријават на огласот.

Аплицирањето може да се изврши електронски или преку одделенијата за одбрана во местото на живеење, а рокот за пријавување изнесува 15 дена од денот на објавување на огласот.

Непотполните и ненавремено доставени апликации нема да бидат разгледувани.

Кандидатите кои успешно ќе ги поминат сите фази од селекцијата ќе бидат ставени на листа за избор, по што ќе следи основна војничка обука во траење од три месеци, а потоа и потпишување на четиригодишен договор за работа.

Никола Ивановски