Мумбаи и околните области се погодени од врнежи од дожд кои предизвикаа големи проблеми во сообраќајот и транспортот, така што денес повеќе од 250 летови беа одложени или откажани поради лоши временски услови.
Обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови од градот, а водата на улиците достигна ниво од колена до половина, со што сообраќајот беше запрен, објавија локалните медиуми.
Сликите од Мумбаи покажаа делумно потопени автобуси и возачи на автомобили принудени да ги туркаат своите возила низ поплавените улици, особено околу железничката станица.
Една од локалните железнички линии беше суспендирана поради поплавена пруга.
Поради лошите временски услови, училиштата, колеџите и другите образовни институции низ Мумбаи беа затворени.
Индискиот метеоролошки оддел (IMD) продолжи да издава црвени предупредувања за обилни до многу обилни дождови, кои се очекува да продолжат барем до вечерва.
Според извештаите на медиумите, повеќе од 500 милиметри дожд паднаа во Мумбаи за речиси 80 часа, пренесува Танјуг.