Британски фунти, употребувани гуми за патнички возила и обид за измама во Царинската испоставка во Куманово биле откриени во текот на изминатата недела од страна на Царинската управа на Република Македонија.
Парични средства во износ од 2.000 британски фунти биле откриени при личен претрес на двајца македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Патниците пријавиле дека со себе носат по 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, покрај пријавените пари, во горен џеб од јакната на едниот патник биле пронајдени уште 2.000 британски фунти. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Царинарниците откриле 32 употребувани гуми за патнички возила, откриени при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените гуми, пронајдени во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.
Во царинската испостава Куманово е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно декларирање на вредноста на стоката. Увозник од Кочани пријавил за увозно царинење капар во саламура и стаклени тегли, со потекло од Италија. Поради сомневање дека пријавената царинска вредност е нереално ниска, царинските службеници извршиле контрола на стоката и проверка во базата за царинска вредност на Царинската управа, при што било утврдено дека истиот увозник во приближно исто време, на друга царинска испостава извршил царинење на иста стока, од ист испраќач со многу поголема вредност од сегашно пријавената.
Против увозникот е изготвен записник за царинска вредност и извршена е пресметка на дополнителни увозни давачки во износ од околу 290 илјади денари.

