Милијардерот Илон Маск користел големи количини кетамин додека бил еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори.
Покрај кетаминот, Маск наводно консумирал екстази и психоделични печурки, а патувал со „дневна залиха“ од 20 таблети, според изворите на њујоршкиот весник, пренесува Танјуг.
Се додава дека Маск почнал поинтензивно да консумира дроги во времето кога донирал 275 милиони долари за претседателската кампања на Трамп, по што станал шеф на Одделот за ефикасност на владата (DOGE).
„Њујорк тајмс“ вели дека Маск развил „тешка зависност од кетамин“, консумирајќи го моќниот анестетик понекогаш секојдневно, наместо „малата количина“ што ја земал „околу еднаш на секои две недели“, како што тврдел во интервјуа.
„Ако сте употребиле премногу кетамин, навистина не можете да ја завршите работата, а јас имам многу работа“, рече Маск во март 2024 година.
Можна дисоцијација од реалноста
Во весникот се наведува дека до март оваа година, Маск им признал на соработниците дека употребата на кетамин влијае на неговиот мочен меур, што е позната последица од хроничната злоупотреба на дрогата, која има психоделични својства и може да предизвика дисоцијација од реалноста.
Кутијата со лекови на Маск содржела апчиња Адерал, кој се користи за лекување на хиперактивно растројство (ADHD), меѓу другите супстанции, според извори на „Тајмс“ кои виделе фотографии од кутијата.
Американскиот дневен весник објави дека не е познато дали Маск бил под дејство на дрога за време на неговиот престој во Белата куќа, каде што присуствувал на клучни состаноци со странски лидери и влијаел врз намалувањето на федералните трошоци.
Агенцијата за борба против дрога на САД (DEA) ја класифицираше екстази како контролирана супстанца без прифатена медицинска употреба, што ја прави целосно забранета за федералните службеници, иако Маск е класифициран како „специјален владин службеник“ и не подлежи на истите строги правила како редовните вработени.
Кетаминот може да се препише легално во САД, но рекреативната употреба или мешањето со други дроги веројатно ќе ја прекрши федералната политика за работното место, додаде NYT.