Постигнатиот договор за надминување на политичката криза може да биде добра шанса и моќно оружје во рацете на демократски определените и слободољубиви граѓани за доаѓање до конечната цел – слободни и фер избори, на кои треба да се порази диктатурата на Никола Груевски, се вели во партиското соопштение на НСДП испратено до медиумите денес.
Според НСДП, роковите од договорот за имплементација на демократските стандарди во изборниот процес, кои треба да гарантираат рамноправен статус на сите учесници во изборниот процес, се мошне кратки.
Сепак, доколку суштината на договорот доследно се почитува од страна на потписниците и истите се придржуваат на динамиката на предвидените активности, шансите за фер избори се колку-толку реални. Само во такви околности опозицијата може да биде некаков контролор на владините политики и гарант за демократичноста на изборниот процес.
Првиот и најсериозен тест за одржливоста, договорот ќе го има на 15 септември 2015 година, кога ќе треба да се избере т.н. специјален обвинител, кој треба да ги процесира кривичните пријави против Никола Груевски и криминалната група околу него.
Дотогаш НСДП нема да верува во добрите и наводно искрени намери на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за слободни и фер избори. Истите тие од мартовскиот договор од 2013 година, по исфрлањето на пратениците и новинарите од пленарната сала на Собранието на Република Македонија и потписите на истите гаранти како на овој договор (ЕУ и САД), направија тоалетна хартија. Која е гаранцијата дека нема да се обидат истото да го направат и со овој договор? Дотолку повеќе што, со договорот од 2013 година се бараше политичка одговорност на најмногу инволвираните во скандалот, додека сега Груевски објективно може да биде соочен со можноста да му биде судено и да заврши во затвор, се разбира, доколку биде избран тој специјален обвинител и доколку совесно и одговорно си ја врши работата.
НСДП, како што е истакнато во партиското соопштение, не верува дека за толку кратко време Груевски може да се трансформира од тиранин во демократ. Во секој случај, овој договор заслужува да му се даде шанса. Можеби ќе се случи чудо, иако велат дека во политиката чуда нема, туку само интереси, се вели во писменото соопштение на НСДП.