Новата социјалдемократска партија денес излезе со соопштение за јавноста во која се вели дека чинот на амнестија и аболиција на Иванов само го потврди организираниот криминал на злосторничко здружување, а во продолжение прочитајте го нивното целосно обраќање.
Практично и нема потреба за натаможно докажување на вината. Една од причините за оваа валкана игра и брзањето на Иванов, секако е со создавање правна можност , докажани криминалци “очистени ” од секаков криминал да се најдат на кандидатските листи на злосторничкото здружување. НСДП сака да ја предупреди македонската јавност од последиците на таков насилен чин. Доколку со таков криминален багаж влезат во новото Собрание на РМ истото веднаш ќе биде делегитиминирано. Според член 2 од Уставот на РМ, “суверенитетот во РМ произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните”., “граѓаните власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници”. Создавањето на правна можност, докажани криминалци да станат народни претставници е само продолжување на кривичното дело и целосна дискредитација на највисокото преставничко тело и Законодавниот дом. Криминалците остануваат криминалци, колку и да бидат амнестирани и аболицирани. Таквите луѓе не смеат да организираат парламентарни избори, ниту пак да бидат на листите за кандидати за пратеници.
Бидејќи Ѓорѓе Иванов е избран на криминални и фалсификувани избори, тој нема ни правен, ни морален кредибилитет, некој да амнестира или аболицира. Со овој чин, наместо покајание за претходниот фалсификат Иванов ги охрабрува сите криминалци да направат нов изборен фалсификат. Уште еднаш, потсетуваме НСДП смета дека вистинско решение за спас на РМ од криминал и насилие е специјалното обвинителство да покрене истрага против ВМРО-ДПМНЕ како правно лице и да предложи мерка забрана за учество на следните избори на злосторничкото здружение.