Конфликтите не стивнуваат на Блискиот Исток. Повторно има смртни случаи на југот на Либан, каде формално владее мир и во Газа, каде што се зборува за привремен прекин на огнот.
За тоа време новите власти во Сирија најавуваат обнова на земјата, соработка со меѓународните институции и верска толеранција.
ИДФ: Систем за противвоздушна одбрана пресретна беспилотно летало лансирано од исток
Израелската војска соопшти дека нејзината воздушна одбрана пресретнала беспилотно летало лансирано „од исток“ над јужен Израел.
Во инцидентот нема повредени, а сирените не се огласиле во ниту еден град.
ИДФ ги опиша минатите напади од Јемен и Ирак како лансирани од исток.
Продолжуваат судирите ширум Блискиот Исток – најмалку 25 лица се убиени во израелските напади низ Појасот Газа, додека пет лица се убиени во јужен Либан, каде официјално е воспоставено примирје меѓу Израел и Хезболах.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац тврди дека има големи шанси Хамас наскоро да ги ослободи сите израелски заложници во палестинската енклава, а наводно се преговара за привремен прекин на огнот во Газа.
Малку посеверно, Франција ги повика ИД да ги повлече своите трупи од сириската област на тампон зоната во близина на Голанската висорамнина. Израелците го освоија регионот откако бунтовниците го симнаа од власт сирискиот претседател Башар ал Асад.
Новата администрација во Дамаск најавува соработка со меѓународните институции во врска со уништувањето на капацитетите за производство на хемиско оружје, како и дека ќе ги казни оние кои ги „мачеле противниците на режимот на Асад во затворите“.
Привремениот премиер Мухамед ал Башир ги гарантира сите права на сите верски групи и ги повикува милиони Сиријци да се вратат дома, додека полицискиот час во главниот град е укинат. Башир најави и тешка, но успешна обнова на земјата.