Руските власти уапсија новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), кое е финансирано од Соединетите Американски Држави, под обвинение дека не се регистрирала како „странски агент“, соопшти медиумската куќа, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Алсу Курмашева, која има руско и американско државјанство, е втората американска новинарка која годинава е приведена во Русија, наведува британската агенција.
Еван Гершкович, дописник на Wall Street Journal, беше уапсен во март под обвинение за шпионажа, што тој го негира.
Руската новинска агенција Татар-Информ објави дека Курмашева не била регистрирана како „странски агент“ додека собирала информации за воените активности на Русија.
Таа може да се соочи со затворска казна до пет години, според RSE, која побара нејзино ослободување.
Одземени пасоши
Курмашева живеела во Прага до мај, кога отпатувала во Русија поради „итен случај на семејството“, јавува Радио Слободна Европа.
Нејзините два пасоши беа одземени на 2 јуни кога се обиде да се врати во Прага и беше казнета затоа што не ги известила руските власти за нејзиното американско државјанство.
Новинарката чекала да ѝ бидат вратени документите кога била приведена на 18 октомври, наведува РСЕ.
Според рускиот закон, поединци и организации кои добиваат средства од странство може да се прогласат за странски агенти, што потенцијално ќе го наруши нивниот кредибилитет кај руската јавност.