Четири новинари беа убиени денес во напад на израелската армија врз болница во јужниот дел на Појасот Газа, објавија здравствените власти на територијата.
Меѓу убиените се новинари од телевизиската мрежа Ал Џезира и агенциите Ројтерс и Асошиејтед Прес (АП).
АП објави дека фоторепортерката на таа агенција Маријам Дага е убиена во новиот напад.
Вкупно 19 лица беа убиени во нападот врз болницата Насер во градот Кан Јунис, на чии информации често се потпираа новинарите кои загинаа, според податоците на тамошното Министерство за здравство.
Ал Џезира потврди дека нејзиниот репортер Мохамед Салам е меѓу убиените во новиот напад, а Ројтерс објави дека е убиен и снимателот на агенцијата Хусам ал-Масри, додека фотографот Хатем Налед е ранет.
Според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), повеќе од 190 новинари се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел во октомври 2023 година.
Израел им забрани на странските медиуми пристап до погодените области, принудувајќи ги новинските агенции да се потпрат на палестинските новинари во Газа, кои се соочуваат со истите проблеми како и групите што ги покриваат, како што се недостиг на храна и лекови.