Една од најголемите туристички атракции во Азија ќе биде забранета за да се заштитат животните.
Поради притисокот од организациите за заштита на животните, Археолошкиот парк Анкор соопшти дека во наредната година целосно ќе го укине јавањето на слонови и дека забраната е веќе во сила.
Во паркот имало 14 слонови кои на туристите им овозможувале да ја „искусат Азија“, а двајца веќе се преместени во природната средина, пренесува „Кер Тајмс“.
Лонг Косал, портпарол на Друштвото за благосостојба на животните Апсара, рече дека десет слонови ќе бидат преместени во заедницата Бос Том Форест на почетокот на 2020 година.
„Слоновите се големи, но нежни животни и ние не сакаме да бидат користени во туристички цели. Тие треба да живеат во природна средина“, рече Касал за Си-Ен-Ен травел.
Во 2016 година, слоницата Самбо починала во Анкор, што го привлече светско внимание. Смртта на овој слон беше предизвикана од топлотен удар и исцрпеност од носење на грб голем број на луѓе.
Две години подоцна, Светскиот фонд за животински свет објави дека има значително помалку азиски слонови и дека популацијата се намалила за 50 проценти за само три генерации.
Археолошкиот парк Анкор во последно време се соочува со поголем број туристи. Од јануари до септември 1,8 милиони туристи купиле билет за комплексот околу храмот, што е намалување за 13,7 проценти во однос на истиот период во 2018 година.
Забраната за јавање слонови сигурно ќе влијае на бројот на туристи, но во време кога се поголем број на туристи и туристички организации избираат да не ги посетуваат местата каде тортурата на животните се смета за атракција, не е можно да се знае дали туристите ќе бидат помалку или повеќе по забраната.
Употребата на животни за туристички цели е сè поинтензивна тема, така што има многу туристички страници кои не продаваат билети за вакви активности.
Покрај спасувањето на слоновите, во светот има се поголемо внимание кон заробените китови и делфини кои се наоѓаат во базените каде луѓето доаѓаат да гледаат заробени животни.