Образованието мора да биде приоритет и најголема инвестиција за иднината на градот и неговите млади, рече денеска на прес конференција Моника Марковска, кандидат за советник од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово.
– Денес зборуваме за образованието во нашата општина, не само како формален процес, туку како најголема инвестиција во иднината на нашите деца и заедницата. Куманово е општина што вложува во знаење, во модернизација на наставата и во создавање услови секој ученик и студент да напредува, истакна Марковска.
Таа нагласи дека квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија, најавувајќи јасна стратегија и низа конкретни проекти за унапредување на наставниот процес, создавање современи услови за учење, спорт и младински развој.
Меѓу проектите кои ги предлага, Марковска ги издвојува реконструкцијата и доопремувањето на објектите на централните и подрачните училишта со фокус на енергетска ефикасност и пристап за лица со попреченост, реконструкција и изградба на нови спортски сали, отворање технолошки зони и модерни ИТ кабинети со нови компјутери и брз интернет, партерно уредување и осветлување на училишните дворови, како и целосна реконструкција на повеќе конкретни училишта меѓу кои ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Битолски Конгрес“ во село Лопате, ООУ „11 Октомври“ во селото Долно Којнаре и ООУ „Вера Которка“ во село Клечовце.
Меѓу планираните проекти кои денеска ги вети Марковска, е и реконструкција на спортските сали во ООУ „Крсте Мисирков“, ООУ „Толи Зордумис“, ООУ „Бајрам Шабани“, ООУ „Наим Фрашери“, како и изградба на нова типска сала во ООУ „Карош“ – село Умин Дол.
Дополнително, во програмата се предвидува целосна реконструкција и доопремување на УОМО „Панче Пешев“ и промовирање на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата цел е јасна: преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но и свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре. Затоа, вложуваме во образованието – затоа што токму тоа е силата што ќе го движи Куманово напред“, додаде Марковска.