Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја презентираше новата мерка за практикантство, како дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2025 година.
Со оваа мерка, директно се инвестира во знаењето, капацитетите и потенцијалот на младите лица до 29 години.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен добива шанса“, порача министерот Дурмиши.
Целта на мерката е 1.352 невработени лица до 29 години, со најмалку завршено средно образование, да стекнат практични работни вештини и искуство. Новина е воведувањето на виртуелно практикантство – онлајн обука за 40 лица, прилагодена на модерните услови на работа. За сите вклучени е обезбеден месечен надомест од 12.000 денари, со платено осигурување и персонален данок, во траење до три месеци.
Мерката е дел од поширокиот Оперативен план за вработување, со кој Владата издвои рекордни 40 милиони евра за над 10.000 граѓани. Преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, социјални бизниси и граѓански организации се повикуваат да отворат нови работни места. Досега се пристигнати 1.133 апликации, за над 1.400 вработувања.
Финансиската поддршка изнесува:
-250.000 денари за вработување младо лице до 29 години;
-220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош;
-160.000 денари за лица над 29 години.
Досега, преку јавните повици за активни мерки се поднесени 6.026 апликации. Дел од најбараните мерки се:
-до 7.000 евра за започнување бизнис за лица над 29 години;
-до 10.000 евра за млади до 29 години со иновативна идеја;
-до 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица.
„Интересот за мерките покажува дека дека граѓаните не се откажуваат. Напротив – тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.
Дополнителен акцент беше ставен и на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, која претставува мост помеѓу граѓаните кои бараат работа и компаниите кои имаат потреба од кадар. Според министерот, оваа мерка е една од најуспешните форми на подготовка за вработување.
„ Започнете нешто свое, останете тука, приклучете се на тим што расте. Ние ќе ве поддржиме со знаење, со средства, со вистинска институционална поддршка“, им порача министерот Дурмиши на младите.