Идната германска влада најави дека ќе изврши притисок врз ЕУ конечно да покаже цврстина кон земјите кои не се однесуваат соодветно, пишува бриселски Политико, додавајќи дека најверојатно ова е алузија на унгарскиот режим на Виктор Орбан.
Конзервативците на идниот премиер Фридрих Мерц и нивниот најверојатен коалициски партнер од левиот центар, Социјалдемократите, се согласија да побараат од ЕУ да ги задржи средствата и да го суспендира правото на глас на земјите кои ги прекршуваат клучните принципи како што е владеењето на правото, според нацрт-коалицискиот договор што го виде Политико.
Иако Унгарија не се споменува по име, од договорот јасно се гледа дека таа се однесува на Унгарија, која со години е обвинета за кршење на демократските норми, ограничување на слободата на печатот и независноста на судиите.
Партиите кои освоија најмногу гласови на германските избори, ЦДУ и СПД на Мерц, во моментов преговараат за формирање влада и договор за основните принципи пред да ја преземат функцијата, а планот да се изврши притисок врз ЕУ поради земји како Унгарија е дел од нивните преговори за низа прашања, како што се миграциската политика, намалувањето на зависноста од јаглен и социјалните бенефиции.
„Постоечките инструменти, од задржување на средствата од ЕУ до суспендирање на избирачките права во Советот на Европа, мора да се применуваат многу поконзистентно отколку досега“, се наведува во нацрт-договорот.
Во 2018 година, Европскиот парламент ја започна првата фаза од постапката со член 7 против Унгарија за сериозни прекршувања на вредностите и основните права на ЕУ, но процесот заглави поради политичките поделби меѓу земјите-членки на ЕУ, според Политико.
Европската комисија блокираше околу 22 милијарди евра пари на ЕУ наменети за Унгарија во 2022 година поради загриженоста за човековите права и независноста на судството, но одмрзна 10 милијарди минатата година, што предизвика негодување.
Друга точка на спор меѓу ЕУ и унгарската влада е пријателскиот однос на Орбан со Москва, при што Будимпешта често го користи правото на вето за да ги блокира санкциите против руските милијардери и воени претставници.
Со цел да се заобиколи ветото, новата германска влада се залага за механизам со кој поддршката од квалификуваното мнозинство во Советот на Европа би била доволна за одредени прашања од надворешната и безбедносната политика, како што е воведувањето санкции, и со тоа нема да бара одобрување од Унгарија.
Во исто време, германската коалиција сака да ја искористи Вајмарската група, составена од Франција, Германија и Полска, како инструмент за обликување на политиката на ЕУ.
За време на претходната коалициска влада предводена од Олаф Шолц од СПД, односите на Германија со Франција и Полска се влошија.
Конзервативците сакаат да решат и една од поплаките кои често се слушаат во европските метрополи, а тоа е воздржувањето на Германија за време на гласањето за важни прашања на ЕУ.
Кога германските министри не се согласуваат за некое прашање од политиката на ЕУ, земјата обично се воздржува од гласање во ЕУ, но Мерц сега вети дека тоа повеќе нема да биде случај кога за клучните прашања се гласа во Брисел.
Конечниот коалициски договор меѓу германските партии за формирање влада се очекува во средината на април, пишува Политико.