Филип Јост, кој е началник на институцијата одговорна за реставрација на катедралата Нотр Дам, денеска изјави дека во дополнителните работи на таа катедрала ќе се инвестираат уште 140 милиони евра, чиешто повторно отворање е закажано за почетокот на декември, колку што останува од средствата за донации, пренесе АП.
Тој најави дека остатокот од донациите, добиени од милијардери и многу мали донатори, ќе бидат искористени за поддршка на идните работи за зачувување на 861-годишниот готски споменик.
Јост на прес-конференцијата рече дека овие средства ќе се користат „во договор со покровители и донатори“ за извршување на потребните работи бидејќи Нотр Дам се соочува со постојани барања за зачувување на структурниот интегритет.
Исполнети ветувања
Тој потврди дека милијардерите кои ветија огромни суми пари за обнова на катедралата по пожарот „целосно ги исполниле своите финансиски обврски“ и „ги испочитувале своите ветувања дадени во ноќта на пожарот или во часовите што следеле“.
Француските медиуми објавија дека претседателот Емануел Макрон ќе присуствува на првата миса во реновираната катедрала Нотр Дам во Париз на 8 декември, пренесува Танјуг.
Макрон ќе го посети местото на 29 ноември, а ќе одржи говор на плоштадот пред катедралата на 7 декември, за кога е закажано официјалното отворање на катедралата.
Нотр Дам повторно ќе биде отворен пет години по катастрофалниот пожар. Макрон, ден по катастрофалниот пожар во април 2019 година, постави за цел реконструкцијата да ја заврши за пет години.
Пред неколку дена, за прв пат по пожарот, заѕвонија сите ѕвона во катедралата.