Со ноќна атлетска трка вчеравечер Куманово го започна одбележување на Денот на ослободувањето на градот.
Loading...
Дел од ноќната трка беа ученици од основните и средни училишта во градот, но и професионални атлетичари кои се натпреваруваа на стаза од пет километри низ центарот на Куманово.
Во трката на 400 метри женска категорија првото место припадна во рацете на Сара Тодоровска од ООУ „Христијан Карпош“. Во машка конкуренција на 400 метри со трето место се закити Милош Трајковски од ООУ „Кочо Рацин“, второ место за Христијан Краљевски од ООУ „Кочо Рацин“, додека најдобар во оваа категорија беше Милорад Димовски од ООУ „Браќа Миладиновци“.
Loading...
Во трката на 500 метри женска категорија третото место припадна за Анастасија Петровска од ООУ „Браќа Миладиновци“, второто место припадна на ученичка од ООУ „Бајрам Шабани“ , а најдобра беше Марија Станиќ.
Глигор Стефановски од ООУ „Магдалена Антова“ беше третопласиран во трката на 600 метри во машка конкуренција, второто место припадна на Кристијан Крстевски од ООУ „11 Октомври“, а најбрз беше Петар Николовски од ООУ „Кочо Рацин“.
Во трката на 800 метри во машка и женска конкуренција вкупно шест медали заминаа за учениците од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“. Андријана Тасевска го освои третото место, второто припадна на Марија Дурмис, а најдобра беше Сања Тимчевска, член на Атлетски клуб Куманово. Во машката конкуренција трето место освои Мартин Ѓорѓиевски, второто припадна на Христијан Петрушевски, а победник е Иван Тимчевски, исто така член на Атлетски клуб Куманово и ученик на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.
Радува фактот што денеска се обнови овој спектакл што долго години наназад се органзиираше и беше симпатична ноќна трка. Верувам дека догодина ќе биде далеку помасовна и поквалитетна, редок е случајот една општина да финансира ваков спорт, ова е голем потик за развој на атлетскиот спорт во општината и надвор од општината – рече првиот човек на Атлетската федерација, Крсте Серафимовски.
Loading...
Во трката на три километри женска конкуренција третото место припадна на Весна Кираџиева, второто на Андријана Поп Арсова, а победничка беше Марија Стојановска.
Трката на пет километри беше резервирана за професионалните атлетичари, каде пето место освои Атанас Анчевски, четврто место за Леонид Вандевски, бронза замина во рацете на Вин Имери, сребро за Милош Рамчиќ, а победник е Дарио Ивановски.
Чувството е одлично, многу добра организација се надевам дека и во иднина ќе продолжи оваа манифестација, бидејќи се развива спортот во нашата држава – изјави Атанас Анчевски, член на Атлетски клуб Маратон.
Од страна на Атлетската федерација на Македонија плакета беше доделена за градоначалникот на Општина Куманово Зоран Дамјановски како покровител на манифестацијата.
Куманово направи една иницијатива да го врати после три децении атлетскиот бренд, а тоа беше ноќната трка во очи на ослободување на Кумаонво, по тој повод направивме први чекори и неколку дисциплини и се надевам дека ова ќе биде поттик за младите луѓе да се занимаваат со овој спорт и оваа дисциплина, како во многу градови и метрополи да биде масовна манифестација – рече Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.
Loading...
Најдобрите тројца атлетичари во сите категории се закитија со медали и дипломи, а Општинскиот сојуз на спортови им обезбеди скромни парични награди за нивните успеси.